Силен тајфун денеска го погоди источниот брег на Филипините, поради што се евакуирани десетици илјади жители.
Тајфунот, кој воедно е и првиот годинава во таа земја, дојде од Пацификот и прво го погоди брегот во близина на градот Сан Поликарпио, во провинцијата Источен Самар.
Тајфунот наречен Вонгфонг дува со брзина од 150 километри на час, со налети на ветрот од 185 километри, а се предвидува дека ќе дува северозападно низ густо населените провинции на исток, а до северниот дел од земјата треба да стаса до недела.
Властите во земјата се соочуваат со проблем околу начинот на евакуација, посебно што земјата сега се бори и против пандемијата на Ковид-19.
– Ситуацијата е многу компликувана, рече градоначалникот на Сан Поликарпио Бенџамин Вер и додаде дека за населението се обезбедени доволно заштитни маски.
Исто така, зголемена е опасноста од лизгање на земјиштето и поплави, посебно во градовите опкружени со планини.
Единствениот центар за евакуација има капацитет од 8.000 места.