Повеќе од 2.800 затвореници во Никарагва вчера беа привремено ослободени, а причината е прославата на Денот на мајката, соопштија официјални претставници.

Овој потег се случи еден ден откако еден од затворениците почина од респираторни проблеми кои не се официјално поврзани со коронавирусот, а надлежните негираат дека имало локална трансмисија.

Пријател на Силвио Перез, затвореникот кој починал на 60-годишна возраст, тврди дека неговото семејство сè уште чека потврда за смртта. Перез почина во болница каде што се сместени пациенти за кои постои сомневање дека имаат Ковид-19.

Владата на Никарагва соопшти дека затворениците привремено се ослободени заради Денот на мајката, кој се слави оваа недела, а исто така се наведува дека меѓу нив има стари лица и хронично болни луѓе.

Во соопштението не се спомнува коронавирусот, кој се појави во затворите низ светот и кој претставува поголем ризик за луѓето од наведените категории.

Адвокат кој застапува затвореници потврди дека Перез бил погребан во вторникот и тврди дека најмалку 26 затвореници биле заразени со коронавирусот.

Владата на Никарагва пријави само 25 случаи на заразени со коронавирусот и осум смртни случаи, што е значително помалку од земјите во регионот.

Во оваа земја, во последно време се почеста практика е погребување на пациенти кои починале од атипична пневмонија, од страна на болниците брзо по прогласувањето смрт без присуство на семејството.



Автор: Администратор
Објавено на: 14/05/2020 15:53