Повеќе од 3,5 милиони граѓани на ЕУ се пријавиле да останат во Велика Британија под услови претставени по референдумот, соопшти британската Влада.

Вкупниот број е близу до бројот на европски граѓани кои живеат во Велика Британија пред референдумот во јуни 2016 година за напуштање на Европската унија.

Тоа покажува, според британски медиуми, дека „егзодусот предвиден од многу политичари и коментатори во медиуми не се случи“.

„Имаме бројка од 3,5 милиони и апликацијата може да се достави до 30 јуни 2021 година, поради што ова е најголемот потфат од ваков вид во британската историја“, соопшти Министерството за внатрешни работи.

– Граѓаните на ЕУ се составен дел од нашето општество, рече Кевин Фостер, министер за имиграција.

– Тие се наши пријатели, семејство и соседи, ја збогатуваат нашата култура и заедница, додаде тој. Фостер рече дека Владата планира да претстави измени во британските правила за имиграција в четврток во Парламентот.

Велика Британија официјално ја напушти Европската унија на 31 јануари.



Автор: Администратор
Објавено на: 14/05/2020 23:55