Кина ја отфрли стратегијата на САД за продолжување на ембаргото на оружје за Иран, како и најавата на Вашингтон дека доколку не успее, тоа ќе се прави преку Советот за безбедност на ОН.

Американскиот специјален пратеник за Иран Брајан Хук вчера јавно ја потврди стратегијата на САД, две недели откако еден американски претставник најави дека САД ќе ги изложат своите планови во однос на Иран пред Велика Британија, Франција и Германија.

Кинеската мисија при Обединетите нации во Њујорк соопшти дека со повлекувањето од иранскиот нуклеарен договор во 2018 година, Вашингтон „не ги исполни своите обврски“ од Резолуцијата на Советот за безбедност во 2015 година, во рамки на која беше усвоен нуклеарниот договор со Иран. Договорот на САД, Русија, Кина, Германија, Велика Британија и Франција го спречува Иран да развива нуклеарно оружје, а за возврат се олеснети санкциите за Техеран. Договорот, познат како ЈЦПОА, дозволува продолжување на санкциите, вклучително и ембарго на оружје, доколку Иран го прекрши договорот.

Кинеската мисија во ОН оцени дека САД „немаат право да го продолжат ембаргото на оружје на Иран, а уште помалку да бидат вратени санкциите против таа земја. Одржувањето на договорот е единствениот пат да се појде напред“. Според овој договор, американското ембарго на оружје треба да истече во октомври.



Автор: Администратор
Објавено на: 15/05/2020 10:37