Наставниците во Велика Британија можат законски да одбијат да се вратат на часови кога училиштата повторно ќе се отворат, освен доколку не ја добијат истата заштита од коронавирус како и сите другите вработени од првите борбени редови со коронавирусот, предупреди еден од водечките синдикати во земјата, пишува „Гардијан“.

Постојат планови за постепено отворање на основните училишта во Англија на почетокот на следниот месец, а најмладите деца, на возраст од четири и пет години, се очекува да се вратат први во клупите. Многу наставници, сепак, се незадоволни од плановите поради бројот на загинати во Велика Британија, каде е регистриран втор највисок скор во светот, што се уште расте.

Во писмо до локалните власти, синдикатот НАСУВТ, ,што брои 300.000 членови, се заканува дека ќе поднесе тужба за да ги брани наставниците од присилата да се вратат на училиште на 1 јуни, поради ризикот по нивното здравје.

Синдикатот вели дека е загрижен за упатствата издадени од владата оваа недела, велејќи дека тие не се во согласност со упатствата дадени за другите работни места, вклучително и за старечките домови и здравството.

„Издадени се строги упатства за здравствена заштита за старечките домови и работодавачите ширум Велика Британија. Неприфатливо е тоа да не е случај и за училиштата. НАСУВТ смета дека наставниците и другите вработени во училиштата имаат право на иста грижа и заштита, како и да бидат сигурни дека нивното здравје и благосостојба, како и здравјето на учениците, се на прво место со секој план за отворање “, се вели во писмото.



Автор: Администратор
Објавено на: 15/05/2020 10:42