Литванија, Летонија и Естонија денеска на полноќ ги отворија своите меѓусебни граници, создавајќи го првиот „патнички меур“ во рамки на Европската унија во обид да ги активираат економиите, погодени од пандемијата на новиот коронавирус.

Граѓаните од овие три балтички земји ќе можат слободно да патуваат во регионот, додека од патниците од трети земји ќе се бара да се изолираат 14 дена.

– Балтичкиот патнички меур е можност да се отворат бизниси и трошка надеж за луѓето дека животот се враќа во нормала, рече премиерот на Литванија, Саулус Сквемелис.

Одлуката на балтичките држави доаѓа во момент кога Европската комисија се обидува да ги убеди 27-те земји членки на ЕУ да ги отворат внатрешните граници.

Ниту една од балтичките држави во средата немаше повеќе од седум нови случаи, а помалку од 150 луѓе починаа од коронавирус во целиот регион.

– Балтичките земји се блиски партнери со слична епидемиолошка ситуација и нивните економии се добро интегрирани, така што слободното движење на луѓе и стоки е многу важно за регионот, рече Арнолдас Пранкевичиус, претставник на ЕК во Литванија.

Ограничувањата за патувања се олеснети и помеѓу Финска и Естонија, како и помеѓу Полска и Литванија, но само од деловни или образовни причини.



Автор: Администратор
Објавено на: 15/05/2020 10:43