Најново истражување на СЗО спроведено во Африка предупредува дека од коронавирус можат да се заразат до 231 милиони лица, пренесе „Дојче веле“.

Новото истражување на Светската здравствена организација (СЗО), што вклучува моделирање на ширењето на заразата во Африка покажа дека доколку не се преземат „итни мерки“ на „црниот континент“ може да се заразат околу 231 милиони лица, а вирусот во следната година да убие и до 150.000 лица.

Истражувањето го моделира веројатното ширење на коронавирусот во 47 африканските земји врз основа на факторите како густина на населението и воведените ограничувачки мерки.

И покрај тоа што истражувачите тврдат дека многу африкански држави брзо презеле мерки за ограничувања, слабите здравствени системи во нив можат брзо да „пукнат“.

СЗО ги повика африканските земји брзо да ги зголемат своите здравствени капацитети, особено во јавните болници.

Притисокот на Ковид-19 врз системите за здравствена заштита во овие земји се засилува и од ширењето на другите болести што веќе се раширени на континентот, како СИДА, туберкулоза, маларија и неисхранетост, се наведува во истражувањето на СЗО.



Автор: Администратор
Објавено на: 15/05/2020 10:56