Пекинг не планира да се вклучи во мултилатералните преговори за контрола на вооружувањето, изјави денеска портпаролот на кинеското Министерство за надворешни работи, Жао Лиџијан.
Тој ова го рече како коментар за изјавата на портпаролката на Министерството за надворешни работи на Русија, Марија Захарова, која рече дека прашањето за пристапување на Кина во договорот за намалување на стратешкото оружје, таканаречениот „нов договор“ СТАРТ, е вештачко.
– Новиот СТАРТ останува значаен нуклеарен договор меѓу Русија и САД и бара големо внимание. Тоа е темел на стратешката стабилност за двете земји, како и основа на глобалната стратешка стабилност. Кина нема намера да се вклучи во какви било трилатерални преговори за контрола на стратешкото вооружување, истакна кинескиот дипломат.
– Со оглед на тоа што Русија и САД имаат најголеми нуклеарни арсенали, тие треба да имаат посебна одговорност за нивно намалување и создавање услови и другите земји да се вклучат во мултилатерални договори за контрола на вооружувањето, рече Жао.