Евентуална вакцина против Ковид-19 веројатно нема да биде достапна пред 18 месеци, оцени министерот за наука во француската Влада Фредерик Видал, јави дописникот на МИА.

-Она што лабораториите, научниците ни го кажуваат е дека забрзувањето што го видовме при развојот на клиничките испитувања ни дава надеж за вакцина во рок од 18 месеци, но не е разумно да се мисли дека можеме да одиме побрзо од тоа, освен да ја загрозиме безбедноста на луѓето, изјави Фредерик Видал за радиото Европа 1.

Нејзината изјава уследи откако американскиот претседател Доналд Трамп тврдеше дека е можно да има вакцина „до крајот на годината, а можеби и порано“.

Додека, Европската агенција за лекови (ЕМА) во четвртокот, оцени дека според „оптимистичкото“ сценарио, вакцината е можна за една година.

Истражувањето за вакцината, сите се свесни, е нешто што обично трае неколку години, рече Видал.

Покрај тоа, и министерката како и другите претставници на француската извршна власт во изминатите неколку дена, оцени дека е „неприфатливо… да се резервира вакцина за една земја, а не за друга од финансиски причини.

Ова откако беше предизвикана полемика од францускиот фармацевтски гигант Санофи и истовремено разочарување и особено жестоки реакции во Франција дека можната вакцина ќе се дистрибуира приоритетно во САД, кои имаат вложено 30 милиони долари за поддршка на нејзиното пронаѓање.

Францускиот претседател Емануел Макрон побара вакцината да не подлежи на „законите на пазарот“, додека портпаролот на Европската комисија сметаше дека „таа мора да биде добро од јавен интерес и нејзиниот пристап мора да биде фер и универзален“.

Низ целиот свет постојат над 100 проекти за вакцина и околу десет клинички испитувања се веќе во тек. Во Франција, Институтот Пастер ќе почне клинички испитувања за својот најнапреден проект за вакцинирање во јули и ги очекува првите резултати во октомври.



Автор: Администратор
Објавено на: 16/05/2020 22:18