Поранешниот американски претседател Барак Обама вчера остро го критикуваше начинот на кој неговиот наследник во Белата куќа, Доналд Трамп, управува со кризата со коронаворусот во земјата.

-Повеќе од било што друго, оваа пандемија целосно и конечно ја крена завесата за идејата дека многумина на јавни функции знаат што прават, рече Обама во ретката критика во јавноста за актуелната администрација. „Некои од нив дури и не се ни преправаат дека не знаат“, истакна тој.

Обраќајќи се виртуелно на промоцијата на младите од Историски црните колеџи и универзитети (HBCU), тој, меѓутоа, не го спомена Доналд Трамп или кој било друг официјален претставник на САД.

На младите тој им кажа да го сторат тоа што мислат дека е правилно, а не „тоа што е удобно, што се смета за соодветно, што е лесно, бидејќи така размислуваат малите деца“.

-За жал, многу од оние што се нарекуваат себеси возрасни, имаат убави титули и важни работни места, а сепак, размислуваат така и затоа работите се толку упропастени, додаде тој, а на ова се гледа како на алузија за службениците во администрацијата на Трамп, кои, инаку, тој се воздржува да ги критикува.

Минатата недела, меѓутоа, протече неговата изјава од приватна телеконференција на која кажа дека начинот на кој Трамп ја води пандемијата е „исклучително хаотична катастрофа“.

Само во последните 24 часа во САД од Ковид -19 умреа повеќе од 1.200 лица. Вкупниот број на загинати сега изнесува 89.000, повеќе од каде било на друго место во светот.

Афроамериканците, исто така, имаат непропорционално голем број на смртни случаи и хоспитализирани во вкупниот број во САД, посочува Би-Би-Си.



Автор: Администратор
Објавено на: 17/05/2020 11:31