Демократите во американскиот Конгрес отворија истрага за одлуката на претседателот Доналд Трамп да го отпушти Генералниот инспектор на Стејт департментот, Стив Линик.
Според демократите, Линик бил отпуштен откако почнал истрага против државниот секретар Мајк Помпео поради сомнение дека ја злоупотребил службената положба.
Демократите на комисиите за надворешни работи и во Претставничкиот дом и во Сенатот во прашање го доведоа времето за разрешување на Линик и најавија дека ќе почнат итна истрага.
Конгресменот Елиот Енгел и сенаторот Боб Менедез најавија дека се противат на „политички мотивираното“ разрешување на Генералниот инспектор, јави Би-Би-Си.
Енгел и Менедез побараа Белата куќа и Стејт департментот до петок да ги достават сите извештаи поврзани со разрешувањето на Линик.
Двајцата истакнаа дека Линик отворил истрага за злоупотребите на Помпео, додавајќи дека целта на неговото разрешување е да се заштити Помпео од лична одговорност.
Во писмото испратено до претседателот на Претставничкиот дом на САД, Ненси Пелоси, Трамп рече дека е важно да се има целосна доверба во лицата кои ја вршат функцијата генерален инспектор.
„Ова не е случај и со овој Генерален инспектор“, напиша Трамп до Пелоси, пренесен од Си-Ен-Ен.
Линик пред два дена беше известен дека е отпуштен од работа и ќе биде заменет со Стивен Акард, близок соработник на потпретседателот Мајк Пенс.
Линик го водеше телото во Стејт департментот што е одговорно за откривање и истражување на злоупотреби, измами и лошо работење во негови рамки.