Отворањето на училиштата за малите деца останува една сложена дилема, вели професорот епидемиолог Сотирис Циодрас кој воедно е и шеф на експертската комисија во Министерството за здравство на Грција, анализирајќи ги позитивните и негативните аспекти и ставови во однос на отворањето на основните училишта во земјата, јави дописничката на МИА од Атина.

Во првичниот план на владата, 1 јуни е терминот за можно враќање на основците во училишните клупи, доколку тоа го дозволи епидемиолошката ситуација во земјата, а како што рече заменик-министерот за цивилна заштита на Грција Никос Хардаљас, одлуката ќе се донесе в понеделник.

-Во моментов, не постојат научни докази што нудат апсолутни гаранции дека враќањето на училиште е целосно безбедно и дека ниту едно дете не е во опасност. Со досегашните податоци, децата имаат помала веројатност да се заразат, а заболуваат поблаго, додека пак нивната улога во пренесувањето на болеста се чини дека постои, но можеби во ограничена мера. Сè уште не е јасно. Овие општи наоди го отсликуваат просекот и не се гаранција за тоа што може да се случи со секое дете кое ќе оди на училиште, вели Циодрас

Професорот спомена четири аргументи кои го поткрепуваат ставот дека училиштата треба да се отворат: нееднаквост во учењето за децата од посиромашни семејства; цената за изгубениот образовен процес и загубеното знаење; последиците врз ментално и емоционално здравје на децата, како и економските причини што се однесуваат на родителите и општеството.

-Според моето мислење, придобивките се повеќе од опасностите и како што одминува времето, општествената цена од затворените училишта ќе се зголеми, објасни професорот.

Циодрас, сепак истакнува дека каква и да биде препораката од експертската комисија, што и да одлучи државата, сепак најдобрата одлука за децата ќе ја донесе семејството.

Според истражувањето на јавното мислење спроведено од агенцијата „MRB“ за грчката телевизија „Стар“, 66,8 отсто од анкетираните граѓани не се согласуваат со предлогот основните училишта да се отворат на 1 јуни.



Автор: Администратор
Објавено на: 20/05/2020 16:06