Електронски пристап до дел од здравствените услуги воведува клиничката болница „Аџибадем Систина".

Како што соопшти денеска болницата, преку овие онлајн консултации пациентите ќе можат да добијат здравствена услуга и совет од нивните доктори специјалисти.

– Врвни доктори од областа на диетологија, дерматологија, нефрологија, ревматологија, онкологија, нуклеарна медицина, оториноларингологија, педијатрија, психијатрија и естетска, пластична и реконструктивна хирургија отсега се достапни за пациентите и преку видеоврска. Оваа медицинска услуга станува неопходност за пациентите пред сè и поради ограниченото движење на граѓаните во услови на пандемија со коронавирусот Ковид-19, соопшти „Систина".

Оттаму посочуваат дека ваквата новина ја воведуваат како одговор на потребите на пациентите кои не се во можност физички да ја посетат болницата, а кои имаат потреба од совет или консултација за одредена здравствена состојба.

Видео-консултациите, како што наведува болницата, предвидено е да траат 20 минути, а претходно треба да бидат закажани во контакт-центарот на болницата на телефонскиот број 02 3099 500, од каде ќе бидат дадени сите детали за услугата.

– Онлајн прегледот се состои од совети и препораки од страна на докторот со цел да се спречи посериозно заболување кое може да се појави при одложување на процесот на поставување дијагноза или одложување на лекувањето. Врз основа на тегобите што ги чувствува пациентот, докторот може да предложи соодветна терапија или доколку има потреба да побара да се направат дополнителни испитувања или да предложи прегледот да продолжи во болница, информира болницата.

Како што појаснува, по извршената онлајн консултација секој пациент на претходно посочена електронска пошта од негова страна добива соодветен лекарски извештај за здравствената состојба. Услугата е достапна и за пациентите од земјава и надвор од нејзините граници и истата ќе може да се одвива на македонски, англиски и албански јазик. Плаќањето се врши преку онлајн банкарство.



Автор: Администратор
Објавено на: 26/05/2020 15:35