Бислимската Клисура, иако мала по должина од само седум километри, стана вистинска атракција за кумановци, кои секое слободно време го поминуваат таму, особено сега во вонредната состојба, поради пандемијата со КОВИД-19. Сместена е на околу пет километри од Куманово од вливот на Кумановска Река до селото Пчиња. Младите и рекреативците секојдневно споделуваат фотографии од прекрасната природа од Бислимската Клисура.

Мистичното место за кое се врзуваат бројни легенди и за скриено богатство и дом на огромни орли, кои веќе со децении никој не ги видел, стана викенд-дестинација за младите и рекреативците. Изминативе години, мини кањонот го посетуваа само планинари, рибари и љубители на адреналински спортови. Општина Куманово, бројни невладини организации и граѓански здруженија со години се обидуваат да ја промовираат клисурата како атракција. Но, по сè изгледа дека сега во невообичаено време на пандемија местото ја доживува својата експанзија. И претставникот од одделението за животна средина од Општина Куманово и воедно еден од основачите на локалната акциска група ЛАГ „АБЕР 2015“, Драган Чунгурски, потврдува дека за време на викендите бројот на посетители на клисурата изнесува околу 1000.

– Во овој период Бислимската Клисура ја доживува својата експанзија, но за да го задржиме овој позитивен тренд, мора сите чинители активно и сериозно да се вклучат, почнувајќи од локалната самоуправа, планските региони, невладините организации и најмногу населението од околните села, односно месните заедници, вели Чунгурски, кој е магистер на агроекономски науки и претпристапни фондови од ЕУ.

За флористичкото богатство на Бислимската Клисура најдобро зборува податокот дека на овој простор егзистираат преку 1.100 растителни видови виши растенија, сместени во повеќе од 90 фамилии и преку 400 рода, големо богатство на нижи растенија преку разновидни печурки, кои можат да бидат користени во процесот на исхрана. Дека флористичкиот диверзитет е многу богат на овој простор покажуваат теренските истражувања и податоците од литературата во кои се наведуваат голем број ендемити и реликти. Сето тоа овој простор го става во биолошки многу значајни подрачја, а со тоа и атрактивен за љубителите на природата, кои имаат можност на самото место да ги видат и да ги фотографираат разновидните растенија. Некои растенија што можат да ги сретнат се толку ретки ги има само на уште едно или две места во светот, како на пр. Astragalus haarbachii Sprun. (1849) – Харбахов козинец или Dianthus pinifolius Sibith. et Sm. (1809) – иглолистен каранфил и многу други.

И самиот Чунгурски, кој сега работи на проекти за промоција на клисурата, вели дека пред седум години, кога првпат ја посетил, заедно со професори и студенти од Кабинетот за географија од Природно-математичкиот факултет, не можел да поверува колку убаво место има во близина на Куманово.

– При посетата, за жал, сфатив дека приказните што сум ги слушал имале мотив за прераскажување. Ретките орли што живееле таму со векови веќе се во изумирање и скоро ги нема, а дивите копачи си го направиле своето, уништиле поголем дел од нашето културно наследство. Тогаш решивме дека ова место треба да се заштити и да се зачува природата и убавината што ја нуди за нас луѓето. Прво што направивме беше изготовка на студија за валоризација на природни и културни потенцијали во Бислимската Клисура во функција на туристички развој со идејно урбанистичко решение на потег од 7 км по течението на клисурата, која треба да ја имаат предвид државните институции при креирање на сите други стратегиски документи во оваа област – вели Чунгруски.

Првиот проект каде што работел како проектен менаџер бил финансиран од страна на АФПЗРР и опфатил поставување урбана опрема (информативни табли, клупи за одмор, видиковец со панорамски поглед и сл.) и трасирање и уредување на една пешачка патека во должина од два и пол километри во кањонот.

Вториот проект бил подготовка на документарен филм за потенцијалите на Бислимската Клисура Дојдете ! Видете ! Уживајте ! И зборувајте за убавините на Бислимска Клисура!



Автор: Администратор
Објавено на: 30/05/2020 14:31