Полициските службеници од дебарското одделение за внатрешни работи, кое со својата активност ја покрива и општина Центар Жупа, во изминатото деноноќие костатирале 19 прекршоци за неносење заштитна маска на лицето. Согласно владината уредба за спречување на ширењето на коронавирусот, досега на ова подрачје прекршочни налози за сторен прекршок спротивен на уредбата со законска сила за носење лична заштита на лицето издадени се на околу 150 физички лица.
По отпочнувањето на казнените мерки, дебрани, кои се опуштија околу почитувањето на заштитните мерки, поради немањето новозаразени педесеттина дена, стануваат се попримерни, иако ги има и понатаму оние кои не ја почитуваат мерката. Инаку, според полициската статистика во Дебар во самоизолацијата има пет лица, кои во изминатото деноноќие биле контролирани од полициските службеници.
Полициските службеници самостојно, но и во координација со Државниот пазарен инспекторат, досега извршиле педесеттина контроли врз угостителски и други објекти.
Во меѓувремне, како што информираше портпаролот на СВР-Охрид Стефан Димоски, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „непостапување според здравствените прописи за време на епидемија“, ОВР Струга поднесе кривична пријава против И. К. (56) од селото Коџаџик-општина Центар Жупа.
На 25 минатиот месец во 11 часот, полициски службеници кои вршеле контрола на регионален пат Струга-Дебар, сопреле патнички автомобил управуван од сега пријавениот. Притоа, констатирале дека тој нема соодветна дозвола за движење за време на полициски час, издадена од надлежен орган.