Еден од погласните критичари на власта, Кристијан Јандриоски, рано утрово е приведен во полициска станица, соопшти неговата ќерка преку социјалните мрежи.
- Енџи е. Пред саат време 4 коли полиција дојдоа кај нас влегоа го земаа татко ми. Од двор го изнесоа 10 души у станица е... До кога вака бе????? напиша неговата ќерка преку фејсбук профилот на нејзиниот татко.
Според првичните информации Јандриоски е приведен бидејќи во текот на вчерашниот ден објави слики дека на православниот празник Задушница бил на гробишта да им оддаде почит и да запали свеќа на неговите блиски покојни лица. Информациите засега не се потврдени.
- Со наведнување глава, не се чува достоинството на предците. Од колено на колено, од време на Христа, духовната конекција помеѓу починатите и живите била нишка за пренос на нашите традиции, нишка која носела и спокој во душите на живите оддавајќи им почит на покојните. Сакале или не, тоа е дел од нашите морални вредности, од нашиот фолклор и од нашиот начин на опстојување. И тоа е наш завет и аманет. И тоа нема ниеден политичар, и ниеден антихрист да ни го одземе. Вечен да е родот мој, Македонскиот🙏 Вечна памјат на починатите🙏, напиша Јандриоски во дескрипцијата пред неговата фејсбук објава.
Дополнето:
Министерството за внатрешни работи преку соопштение информираше за случајот.
- Полицијата привела алкохолизирано лице во скопската населба Ѓорче Петров кое ги навредувало и омаловажувало униформираните службеници кои на пријава на граѓани го предупредиле за нарушување на јавниот ред и мир.
Како што соопшти МВР, полициските службеници постапувале по пријава на граѓани за нарушување на јавниот ред и мир со гласна музика.
-При преземање на активности, полициски службеници биле навредувани и омаловажувани од лицето К.Ј., кое било под дејство на алкохол. Тој бил приведен и задржан во полициска станица и по целосно расчистување на случајот против него ќе биде поднесена соодветна пријава, информираат од МВР.