Во тешката сообраќајна несреќа што се случи синоќа во 18:45 часот на магистралниот пат Струмица-Радовиш, пред крстосницата за селото Василево, загина триесет и четири годишниот С.Г. од село Градашорци. Потешко се повредени три лица, додека со полесни повреди се здобиле петмина.
Во денешниот билтен полицијата информира дека во сообраќајката учествувале автомобил „опел астра“, со скопски регистарски ознаки, сопственост на правно лице, а управувано од Е.С.(55) од Скопје, во кое имало 11 мигранти од Пакистан, патничко возило „фолксваген пасат“, управувано од С.Г.(34), со сопатник С.Г.(57), и двајцата од село Градашорци, Струмичко и патничко возило „ауди“, управувано од Д.К. од Скопје, со тројца сопатници.
Началникот на Хируршкото одделение при струмичката болница, Гошко Гошев изјави за МИА дека на лекување биле донесени повеќе лица, од кои најтешко повреден бил еден мигрант кој е пренесен на лекување во Клиничкиот центар во Скопје.
– Денес во каСкопје треба да биде пренесен и возачот кој ги превезувал мигрантите, а потешко е повредена и сопатничката од автомобилот на загинатиот. На сите примени пациенти им е укажана соодветна лекарска помош и нега и е постапено според протоколите за ковид-19, рече доктор Гошев.
Според очевидци во автомобилот „опел астра“ имало мигранти кои се превезувале со голема брзина. Бегајќи од полицијата најпрвин удрил во „пасатот“ потоа во „аудиото“, кое поминало без поголеми последици, и педесетина метри потоа излетал од патот и се забил во ѕид.
Дел од повредените бил извлечени со помош на пожарникари од ТППЕ-Струмица, кои користеле специјални хидраулични алатки.
Увид на лице место извршиле јавен обвинител и увидна екипа од СВР Струмица и се преземаат мерки за расчистување на случајот.