Главниот европски преговарач со Велика британија, Мишел Барние ја предупреди британската Влада дека е неприфатлив селективен пристап, според кој Лондон би бирал тоа што му одговара на единствениот пазар без да преземе обврски.

– Навистина Велика Британија во многу подрачја бара повеќе од што добија Канада, Јапонија и другите трговски партнери. Во многу подрачја се обидува да ја зачува користа што ја имаат земјите-членки, без ограничувања. Сака да ги избере најпривлечните елементи на единствениот европски пазар без обврски, посочи Барние.

Минатата недела заврши четвртиот круг преговоири за иднитe односи на Европска Унија со Велика Британија без значителен напредок, иако двете страни истакнуваат дека се уште е можно да се постигне договор на време, со цел истиот да се ратификува пред крајот на годината.

Велика Британија излезе од ЕУ на 31 јануари годинава, а според договорот преодниот период трае до крајот на годината.

За време на преодниот период Велика Британија ги почитува сите правила на ЕУ како да е членка, единствено не учествува во донесување на одлуките.

До крајот на месецот ќе се одржи видео-конференција помеѓу британскиот премиер Борис Џонсон, претседателката на Европска комисија, Урсула фон дер Лајан и претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел, на која ќе се разговара за досегашниот тек на разговорите и за нивно успешно завршување.



Автор: Администратор
Објавено на: 11/06/2020 10:59