Цените на нафтата на меѓународните пазари денеска благо се зголемија, но неделава се очекува првпат да паднат, по шест недели раст, заради стравувањата од побарувачката во случај на втор бран од заразата со коронавирусот.

Цената на барел сурова нафта на лондонскиот пазар денеска се зголеми за 20 центи или 0,52 проценти во однос на претходното тргување, достигнувајќи 38,75 долари. Претходниот ден цената падна за повеќе од еден долар.

Откако рано денеска падна за повеќе од пет проценти, цената на барел нафта на американскиот пазар се стабилизира на 36,49 американски долари и подоцна се зголеми за 15 центи или за 0,41 отсто во однос на затворањето ден претходно .

Референтните цени на нафтата се на пат да забележат неделна загуба од повеќе од осум проценти, што е нивен прв неделен пад по шест недели раст.

Растот на цената на нафтата е стопиран од стравот дека можеби крајот на пандемијата на коронавирус не е ни приближно на видикот, со оглед на тоа дека приближно половина од државите во САД бележат раст на нови случаи на инфекција.

Британската банка „Беркли“ денеска ја зголеми проценката на цената на нафтата до крајот на годината за четири долари, наведувајќи го како аргумент малку поголемиот недостиг од нафта во втората половина од годината, но е внимателна заради очекуваното бавно закрепнување во блиска иднина.

„Интензитетот на промените на основите веројатно значително ќе се намали, бидејќи натамошните подобрувања на побарувачката ќе зависат повеќе од однесувањето на потрошувачите отколку од олеснувањето на наметнатите ограничувања“, предвиде британската банка.

ОПЕК + го намали снабдувањето со нафта за 9,7 милиони барели на ден, или за околу една десетина од побарувачката пред пандемијата и минатиот викенд постигна договор за продолжување на овој тренд на намалено производство до крајот на годината.



Автор: Администратор
Објавено на: 12/06/2020 20:55