Косовскиот претседател Хашим Тачи изјави дека посредникот на Европската унија во дијалогот со Србија, Мирослав Лајчак, кој утре треба да допатува во прва, тридневна, официјална посета Косово, е добредојден „единствено доколку ја прифаќа реалноста“, додека секој поинаков пристап од негова страна би бил „промашување“, јави дописникот на МИА од Приштина.

По денешната прва средба со Авдулах Хоти во својство на премиер, Тачи изјави дека словачкиот дипломат треба да прифати дека Косово е независна и суверена држава, и покрај тоа што неговата земја, во времето кога самиот Лајчак беше министер за надворешни работи, не ја призна независноста на Косово.

– Не сум информиран за содржината и агендата на посетата на Мирослав Лајчак во Косово. Тој треба да разбере дека Косово е независно и суверено и доколку доаѓа со таков став е добредојден. Секој поинаков пристап е промашување во Косово, од негова страна и од страна на Европската унија, изјави Тачи.



Автор: Администратор
Објавено на: 15/06/2020 16:06