Во текот на минатите две недели, царинските службеници открија еден илегален патник и повеќе обиди за криумчарење стока.
Задржани се девизи, гориво, свежа риба, автоделови, велосипеди, технички производи, производи за електронски цигари, инсектициди, ѓубриво и рачен часовник.
Привремено се задржани:
Девизи
– 15.000 евра, откриени во соработка со полициските службеници, при контрола на грчко товарно комбе управувано од грчки државјанин, пријавено за излез од државата на граничниот премин Богородица. Во кеса сместена во фиока пред совозачкото седиште биле пронајдени 35.000 евра, од кои на возачот и сопатникот им биле вратени по 10.000 евра, износ што нерезидент може слободно да го изнесе од државата. Проив возачот е поднесено барање за поведување прекршочна постапка.
Гориво
– 160 литри дизел гориво и 40 литри бензин, откриени при контрола на македонски камион, управуван од македонски државјанин, пријавен за влез во државата на граничниот премин Богородица. Непријавеното гориво, пронајдено во вкупно 12 пластични канти сместени под долниот кревет и пред совозачкото седиште во кабината на возилото, се привремено задржани, а против возачот ќе биде поведена соодветна постапка.
Свежа риба
– околу 30 килограми свежа риба, откриени при контрола на македонски камион, управуван од македонски државјанин, пријавен за влез во државата на граничниот премин Ќафасан. Непријавените риби, пронајдени во кеси сместени во страничните сандаци на приколката, се привремено задржани, а против возачот ќе биде поведена соодветна постапка.
Разна стока
– велосипеди, автоделови (гуми со бандажи за вилушкар и патнички возила, сетови гуртни и дискови, сет автомеханичарски алат, сајли за рачна кочница иламбда сонда), техничка стока (фрижидер, столна ламба, лаптоп-компјутери, компресор, пумпа за базен, iPad Pro 12, тастатура и печатар), филтри за цигари, течност и испарувач за електронски цигари, рачен часовник, инсектициди, ѓубриво и плински скари, откриени во 5 одвоени случаи од страна на мобилните царински тимови.е
Во првиот случај, во соработка со Одделението за истраги, била извршена контрола на стока со потекло од Швајцарија, наменета за увозник од с. Слепче, Демир Хисар, пријавена за увозно царинење во царинската испостава Струга. Притоа во товарниот дел на возилото биле пронајдени 6 употребувани велосипеди, 2 употребувани гуми со бандажи за вилушкар, 1 нов фрижидер, 2 употребувани плински скари, 1 столна ламба и 2 употребувани лаптоп-компјутери, кои не биле опфатени со царинската декларација.
Во вториот случај, на граничниот премин ГП Ново Село била извршена контрола на македонски камион управуван од македонски државјанин, пријавен за влез во државата. Притоа, на креветот во кабината на возилото, биле пронајдени по 2 сета дискови и гурни за патнички возила, 1 сет автомеханичарски алат, 2 сајли за рачна кочница, 1 ламбда сонда Bosch, 4.800 парчиња филтри за цигари, 30 парчиња со вкупно 1.350 ml течност за електронски цигари и 1 испарувач за електронски цигари.
Во третиот случај, на граничниот премин Блаце бил извршен детален преглед на македонски камион за превоз на возила, управуван од македонски државјанин, пријавен за влез во државата. Притоа, во внатрешноста на едно патничко моторно возило и едно товарно комбе, натоварени на камионот, биле пронајдени 18 употребувани производи – 13 гуми со бандажи за патнички возила, 1 компресор, 1 пумпа за базен, 1 iPad Pro 12, 1 тастатура и 1 печатар.
Во четвртиот случај, на граничниот премин Дојран, била извршена контрола на македонски камион, управуван од македонски државјанин, пријавен за влез во државата. Притоа, во хартиена кеса сместена под совозачкото седиште бил пронајден 1 рачен часовник марка TAG Heuer, за кој возачот изјавил дека е негова сопственост.
Во петтиот случај, на граничниот премин Табановце автопат, бил извршен детален преглед на македонски камион, управуван од македонски државјанин, пријавен за влез во државата. Притоа, во просторот за сместување палети, зад празни пластични туби, како и во кабината на камионот, биле пронајдени непријавени 450 килограми инсектицид Galition Ekstra, 5 литри течно ѓубриво Leaf-MT и 2.250 милилитри суспоемулзија DuPont Exirel.
Во сите случаи, непријавените производи се привремено задржани, а против прекршителите ќе бидат поднесени барања за поведување прекршочни постапки.
Илегален патник
На 04.06.2020 година околу 15 часот, на граничниот премин Ќафасан, за влез во државата се пријавил македонски камион управуван од македонски државјанин. При преглед на возилото, во кабината зад горниот кревет кој бил подигнат, мобилните царински тимови откриле сокриена албанска државјанка, која се обидела нелегално да влезе на територијата на Република Македонија.
Лицето е предадено на службеници од гранична полиција за понатамошна постапка.
Царинска управа на Република Македонија