Претседателот на Косово ќе се сретне со специјалниот претставник на Европската унија за дијалогот Косово – Србија, Мирослав Лајчак, кој се очекува да допатува денеска во тридневна официјална посета на Приштина, соопшти кабинетот на Тачи.

Како што јави дописникот на МИА од Приштина, Тачи ќе го прими Лајчак во неговиот кабинет во 17 часот.

Косовскиот претседател порано денеска, на прес-конференција, изјави дека ќе се сретне со дипломатот од Словачка доколку тој „има нешто конкретно“ за Косово.

– Доколку има нешто конкретно нема причина да не се сретнеме, а доколку доаѓа само за да го испита теренот нема потреба од средба. Тој треба да го каже ставот за визната либерализација за косовските граѓани и да разјасни како ќе го третира Косово. Ако го третира како независна држава, процесот ќе биде полесен, изјави Тачи, кој порано порача дека не верува во неутралноста на Лајчак, затоа што во времето кога беше шеф на словачката дипломатија, неговата земја не ја призна независноста на Косово.

Лајчак доаѓа во Косово само ден откако специјалниот пратеник на американскиот претседател Доналд Трамп за преговорите меѓу Косово и Србија, амбасадорот Ричард Гренел, најави продолжување на дијалогот, со средба на претставниците на двете земји на 27 јуни во Белата куќа во Вашингтон.



Автор: Администратор
Објавено на: 16/06/2020 22:29