Од денеска се отвора јавна консултација во Европската Комисија (ЕК) за изнаоѓање начин да се спречат странски субвенции и инвестиции кои ги поткопуваат правилата на слободна конкурентност во Европската Унија, јавува дописничката на МИА од Брисел.
Консултацијата ќе трае до 23 септември, по што Европската Комисија ќе почне да изготвува законски предлог.
– Европската економија е отворена и тесно поврзана со остатокот од светот. Ако сакаме ова да остане сила, мораме да бидеме внимателни. Затоа ни се потребни алатки со кои ќе се осигуриме дека странските субвенции не го искривуваат нашиот пазар, како што правиме со националните субвенции, изјави Маргрет Вестагер, извршната потпретседателка на Европската Комисија задолжена за конкурентноста.
Во Европската Унија државната помош и субвенции се строго контролирани од страна на Европската Комисија, со цел тие да не го поткопаат функционирањето на заедничкиот европски пазар. Меѓутоа, овие правила важат единствено за земјите членки на ЕУ.
– Унијата не располага со инструменти да спречи ваков тип субвенции од страна на странски држави. Оттука потребата да се изготват нови законски решенија на ниво на ЕУ, објасни Вестагер.
Потпретседателката на ЕК истакна дека „станува јасно дека надзорот врз ЕУ владите не е доволен“ и дека иако странските инвестиции се важни за економскиот раст и работните места во ЕУ, тие можат да им наштетат на силите на слободниот пазар во Унијата.
Според анализите на ЕК сѐ почесто е констатиран „негативен ефект“ од субвенциите кои доаѓаат од влади надвор од ЕУ за фирми кои дејствуваат во ЕУ.
– Има сѐ повеќе примери кога странски субвенции олесниле аквизиција на ЕУ компании или влијаеле врз одлуките за инвестирање, врз пазарните дејствија или политиките на цени, сето тоа на штета на компании кои не добиваат субвенции, објаснува ЕК.
Иако е јасно дека овие правила се поттикнати од растечкото влијание на големи земји како Кина, еврокомесарот задолжен за внатрешниот пазар, Тиери Бретон, нагласи дека тие ќе го засегне и Обединетото Кралство откако целосно ќе ја напушти ЕУ.