Основното јавно обвинителство Струга поднесе предлог за издавање казнен налог против 2 физички лица и 2 правни лица од Лабуништа за кривично дело – Непостапување според здравствените прописи за време на епидемија, информираат од струшкото обвинителство.

– Физичките лица, во својство на управители на обвинетите правни лица, не постапиле согласно одлуките и мерките донесени за спречување на ширењето на заразна болест, па и покрај донесената забрана, вршеле угостителска дејност во деловни објекти – пицерии, слаткарници и бурекџилници во Лабуништа. При извршена контрола од Државниот пазарен инспекторат – Струга било утврдено дека угостителските објекти работат, а на масите имало гости, соопштија од ОЈО Струга.

Надлежниот јавен обвинител предложи парична казна од 100 дневни глоби од по 30 евра за физичките лица, како и казна од 100 дневни глоби од по 50 евра за секое од правните лица.

Освен ова, ОЈО Струга поднесе предлози за издавање казнени налози против 10 лица кои не го почитувале полицискиот час.

– Обвинетите биле затекнати како се движат на различни локации, непочитувајќи ја Одлуката за забрана и посебен режим за движење на територијата на Република Северна Македонија. Двајца од нив издржувале казна во затворот во Струга, a за време на полицискиот час биле затекнати како се движат во близина на затворот од каде биле избегани, појаснуваат од обвинитеслтво.

Ценејќи ги околностите во секој предмет поединечно, надлежен јавен обвинител за 8 обвинети предложи парична казна од 100 дневни глоби со висината на една дневна глоба од 30 евра, за едно лице – 100 дневни глоби од по 20 евра и за едно лице – парична казна од 100 дневни глоби со поединечна вредност на дневна глоба од 10 евра во денарска противвредност.​



Автор: Администратор
Објавено на: 18/06/2020 00:17