Авионот на севернокорејскиот лидер Ким Џонг-ун денеска одлета од Пјонгјанг во источниот дел на Северна Кореја, соопшти Службата за мониторинг на авиосообраќајот.
Јужнокорејската новинска агенција Јонхап објави дека тоа предизвика шпекулации дека Ким повторно би можел да се појави во јавност поради евентуалните воени акции, по зголемените тензии помеѓу Северна и Јужна Кореја.
Авионот Ан-148 на „Ер Кореја“ е забележан како лета кон североисточниот дел на Северна Кореја.
– Авионот Ан-148 е добар за кратки дестинации, изјави авиооператорот и додаде дека вториот авион на Ким, Ил-62 е за долги патувања.
Летот на Ким уследи откако Северна Кореја предупреди дека би можела да преземе воена акција против Јужна Кореја во знак на протест поради тоа што јужнокорејските активисти испраќаат летоци против севернокорејскиот режим преку граница.
Северна Кореја денеска соопшти дека ќе испрати војници во сега затворените објекти за соработка со Јужна Кореја и дека повторно ќе постави стражарски места и ќе ги обнови воените вежби во пограничната област.
Со тоа Пјонгјанг ги поништува договорите постигнати помеѓу Северна и Јужна Кореја во септември 2018 година, чија цел беше намалување на воените тензии долж границата.
Армијата на Јужна Кореја изрази жалење поради најавите на Пјонгјанг, но и предупреди дека Северна Кореја ќе се соочи со последици ако ги прекрши договорите од 2018 година.
Северна Кореја вчера ја уништи празната Канцеларија за врски помеѓу двете Кореи.
Генералштабот на севернокорејската армија најави дека ќе распореди војници во одморалиштето Дајмонд маунтин во индустрискиот комплекс Каесонг. Исто така најави дека ќе продолжат воените вежби, а од објектите на границата ќе испраќа пропагандни балони во Јужна Кореја.
Дајмонд маунтин и Каесонг се изградени со финансиска помош од Јужна Кореја, а затворени се поради билатералните спорови и американските санкции кон Пјонгјанг.