Поранешниот советник за национална безбедност во Белата куќа, Џон Болтон во серијата обвиненија за својот поранешен шеф, претседателот Доналд Трамп, напишани во неговите мемоари што деновиве треба да се објават, кажува дека Трамп на ланската средба зад затворени врати со кинескиот претседател Си Џинпинг го замоли да му помогне да победи на изборите.

Болтон, кој беше сменет од Трамп во септември минатата година, по 17 месеци минати во Белата куќа, исто така, го обвинува претседателот дека сака да ги прекине истрагите за „да им направи лична услуга на диктаторите што ги сака“, се наведува во делови од книгата на Болтон за што пишува „Њујорк Тајмс“ .

Белата куќа се уште не ги коментира овие обвинувања.

Наводите се дел од книгата, чие печатење американската администрација се обидува да го запре со тужба, тврдејќи дека содржи доверливи информации и ќе и наштети на националната безбедност.

Извадоци од книгата „Собата каде тоа се случи: Мемоари од Белата куќа“(The Room Where It Happened: A White House Memoir) се објавени во „Вол Стрит Џорнал“, „Њујорк Тајмс“ и „Вашингтон Пост“.

Обвиненијата на Болтон обезбедуваат дополнителен материјал за критичарите на Трамп пред претседателските избори на 3 ноември, вклучително и белешките од затворените состаноци меѓу Трамп и Си.

„Тогаш Трамп, што беше неверојатно, го сврте разговорот на темата за претстојните претседателски избори во САД, алудирајќи на економската моќ на Кина, и го замоли да му помогне да победи“, напишал Болтон. „Тој истакна дека американските фармери се важни за исходот од изборите и дека Кина треба да купи што е можно повеќе соја и пченица“, додаде тој.

Болтон, исто така, во книгата тврди дека Трамп изјавил дека нападот врз Венецуела ќе биде „кул“ и дека земјата е „всушност дел од САД“.



Автор: Администратор
Објавено на: 18/06/2020 10:52