Од вчера гори депонијата кај селото Добрашинци во која се одлага отпадот од општините Струмица и Василево.

Според информации од ЈПКД „Комуналец“ од Струмица, депонијата била запалена од неодговорни граѓани, кои таму се движат, а пожарот бргу се проширил.

-Пожарот е ставен под контрола од синоќа и не се шири. Во гаснењето учествуваа противпожарни возила од Струмица и Радовиш, наши возила и градежна механизација. Засега од депонијата излегува само силен чад, но ќе направиме напори до крајот на денот целосно да го запреме, рече Бранко Ѓоргиев од ЈПКД „Комуналец“-Струмица.

Горењето на депонијата го потврди и командирот на ТППЕ Струмица, Александар Гудев. Информира дека во гаснењето учествувале две нивни противпожарни возила, едно од ТППЕ-Радовиш, две од „Комуналец“ и градежна механизација.

Заедно со вработените од струмичкото комунално претпријатие не дозволиле пожарот да се прошири и од вчера е ставен под контрола.



Автор: Администратор
Објавено на: 18/06/2020 13:11