Шефот на европската дипломатија, Жосеп Борел, порача дека покрај Русија, Кина е „многу активна“ во ширењето лажни вести и дезинформации поврзани за кризата со коронавирусот, јави дописничката на МИА од Брисел.

-За Русија е стара вест, но Кина стана многу поактивна. Кинески извори промовираат имиџ презентирајќи го нивниот систем како подобар, најдобро опремен да се справи со пандемијата и обвинувајќи ги демократиите за нивното управување со кризата, изјави Борел пред Европскиот Парламент.

Инфодемијата, како што се нарекува ширењето на лажни вести, посебно во врска со Ковид-19, ги засега сите демократски и западни земји, рече Борел, и е постојано експлоатирана од странски сили.

Русија, истакна шефот на дипломатијата, одамна се занимава со дезинформации во ЕУ, обидувајќи се да ја презентира Европа како недоволно солидарна и жртва на постојана внатрешна криза.

Европската Унија одамна се соочува со теориите на заговор и кампањите на дезинформација од страна на Русија, за што е составен и посебен тим во ЕУ институциите за стратешка комуникација, еден од нив е специфично посветен на западниот Балкан, потсети Борел.

Со коронавирусот за ЕУ стана јасно дека Кина претставува исто толкава опасност како и Русија, смета првиот дипломат на ЕУ.

Тој предупреди и дека оваа криза не смее да ги загрози демократските темели на европските држави.

-Има јасен ризик владите да ја искористат инфодемијата како повод за да ги ограничат темелните права и слободата на изразување. Некои членови на Европскиот Парламент се повикаа на ова и сметам дека ЕУ треба да заземе став против ова, порача Борел.



Автор: Администратор
Објавено на: 19/06/2020 00:14