Според последните податоци, во светот со коронавирус досега се заразени 8.512.149. Од нив починале 453.425, а оздравеле 4.455.611 луѓе.

– Во изминатото деноноќие во Албанија регистрирани се 66 новозаразени со Ковид-19, што е за 16 случаи повеќе од вчера, има еден починат и девет оздравени лица. И понатаму главно жариште на болеста е Тирана, од каде се дури 32 од новозаразените или 326 од вкупно 663 лица активни на болеста. Според Министертвото за здравство, поголемиот број од новозаразените во последните денови се вработени во разни бизниси, јавни и приватни институции. Од почетокот на пандемијата,во лабораторијата за вирологија при Институтот за јавно здравје направени се 21.790 тестови, позитивни на вирусот биле 1.788, се излекувале 1.086, додека починале 39 лица. Од активните на болеста – 663 лица, болнички се лекуваат 55, од нив осум се на интензивна терапија, додека двајца се приклучени на респираторна машина.

– Бројот на заразени со коронавирус во Перу надмина 240.000 лица, со што земјата ја надмина Италија по бројот на заболени. Перу се наоѓа на второ место по бројот на потврдени случаи на коронавирус во Латинска Америка, зад Бразил, а на седмо место во светот. Денеска се забележани уште 3.752 нови случаи на Ковид-19. Повеќе од 7.000 граѓани на Перу починале од коронавирус.

– Во Црна Гора се регистрирани седум новозаразени со коронавирус. Во Институтот за јавно здравје анализирани се 200 примероци од кои 193 биле негативни. Четворица од новозаболените се контакти со претходно потврдени случаи, а кај останатите тројца моментно се бара изворот на инфекција.

– Во дом за стари и изнемоштени лица во Виена, кој го зафати коронавирусот, бројот на починати се зголеми на девет, а се претпоставува дека заразата ја проширила една од вработените.

– Во БиХ во последните 24 часа се регистрирани 58 нови случаи на зараза со Ковид-19, со што вкупниот број изнесува 1.430 лица. Починати се вкупно 45 луѓе.

– Во Словенија денеска се потврдени осум нови случаи на вирусот, што претставува пораст во однос на претходната недела. Досега во земјата заболеле вкупно 1.511 луѓе. Владата на седница треба да одлучи како ќе го спречи натамошниот раст на инфекцијата. Бројот на смртни случаи и понатаму останува непроменет – 109.

– Мексиканското Министерство за здравство соопшти дека во последните 24 часа се потврдени уште 4.930 случаи на коронавирус, со што вкупниот број се зголеми на 159.793. Во земјата се регистрирани уште 770 смртни случаи и вкупниот број на починати во Мексико изнесува 19.080.

– Чешка од 1 јули ќе ја укине мерката за носење заштитни маски во продавници, ресторани и јавниот превоз, но некои превентивни мерки и понатаму ќе бидат во сила, каде постојат локални жаришта на заразата, како на пример главниот град Прага и рудниците за јаглен во регионот Карвина. Од 22 јуни во Чешка ќе почнат да работат базените, музеите, спа центрите, под услов да им обезбедат на посетителите растојание од десет метри. Мерките во училиштата ќе важат до крајот на училишната година.

– Националната организација за јавно здравје на Грција соопшти дека заклучно до 15 часот, регистрирани се 24 нови случаи на Ковид-19, а почина уште едно лице. Во земјата има вкупно 3.227 заразени лица и 188 смртни случаи.

– На Кипар во изминатите 24 часа почина едно лице од Ковид-19, а веќе трет ден не е регистриран ниту еден нов случај. Од почетокот на епидемијата, заразени се 985 лица, а починаа 26 позитивни лица на новиот коронавирус, но само кај 19 од нив, Ковид-19 бил главна причина за смртта.



Автор: Администратор
Објавено на: 19/06/2020 00:59