Врховниот суд на САД денеска го отфрли обидот на администрацијата на претседателот Доналд Трамп да ја укине програмата за заштита на правата на имигрантите кои во САД биле донесени како деца.
Одлуката е олеснување за речиси 650 илјади апликанти на оваа програма.
Потпишана од конзервативниот врховен судија Џон Робертс -помладиот, одлуката беше донесена со пет гласови „за“ и четири „против“. Тој, и четири останати либерални судии гласаа во полза на зачувување на програмата ДАКА.
Оваа про-имигрантска политичка програма беше усвоена од администрацијата на екс-претседателот Барак Обама, и овозможи стотици илјади деца на нелегалните имигранти во САД да избегнат депортација и да добијат право да учат и работат.
На ова веднаш реагираше претседателот Доналд Трамп, кој одлуките на Врховниот суд ги окарактеризира како „лоша“. Во твит по повод ставот на највисокото судско тело во САД, тој најверојатно ја критикуваше и претходната одлука со која хомосексуалните и транссексуалните лица се ставаат под федерален закон против дискриминација на работа.
-Врховниот суд донесува лоши и политички мотивирани решенија. Стрелање во лицето на луѓето кои себе си гордо се нарекуваат републиканци и конзервативци“, напиша Трамп.
Унијата за граѓански слободи во САД ја поздрави одлуката. И поранешниот претседател Обама реагираше на Твитер, нагласувајќи оти е среќен за овие лица и за нивните семејства.
-Можеби изгледаме различно и доаѓаме од секаде, но, она што не` прави Американци се нашите заеднички идеали, напиша тој на Твитер.