Кина и официјално обвини двајца Канаѓани за шпионажа, откако две години ги држеше во притвор, соопштија денеска кинеските обвинители, пренесе ДПА.
Поранешниот дипломат Мајкл Ковриг и бизнисменот Мајкл Спавор беа уапсени во декември 2018 година, како одмазнички потег на постапката во Канада, каде на барање на САД беше уапсена извршната директорка на „Хуавеи“, Менг Ванџоу.
Во денешните вести објавени на веб-страницата на Врховниот народен обвинител се вели дека Ковриг е „осомничен за шпионирање на државни тајни и разузнавачки информации“ , а Спавор е „осомничен за шпионирање и илегално одавање државни тајни“, наведува германската агенција.
Додека на канадските власти им се дозволени редовни конзуларни посети на Ковриг и Спавор, двајцата уште од самиот почеток немаат пристап до адвокати или членовите на нивните семејства.
Семејствата на двајцата наведуваат дека тие се држат во многу тешки затворски услови.
Американските власти ги обвинуваат Ванџоу Менг и компанијата „ Хуавеј“, како и американска филијала на компанијата за телекомуникациска опрема „Скајком“, за банкарска измама, измама и заговор за сторено кривично дело перење пари. Обвиненијата се поврзани со евентуално кршење на санкциите на САД против Иран.
Минатиот месец Врховниот суд на Британска Колумбија соопшти дека Менг може да биде екстрадирана во САД затоа што обвиненијата против неа се сметаат за кривични дела во Канада, додадае ДПА.