Наjголeмиот киносинџир во САД, „Еј-Ем-Си“, ќе отвори поголем дел од своите киносали на 15 јули, соопшпти самата компанија на својата интернет страница.

Како што пренесува „Блумберг“, 450 од кината во целата земја ќе почнат со работа, откако беа затворени во март поради корона-пандемијата. Останатите 200 киносали ќе почнат да работат наредните месеци.

„Со задоволство ви ја претставуваме можноста заедно да ја прославиме 100-годишнината на Еј-Ем-Си“, се вели во соопштението. Киносинџирот е основан 1920 година.

Во почетокот ќе се прикажуваат само стари филмови, а постепеното враќање на вообичаениот формат ќе се случи следните 10 дена. Првата премиера ќе биде „Мулан“ на режисерот Ники Каро, во продукција на „Волт Дизни“.

Ограничувањата заради спречување на ширењето на коронавирусот, ќе бидат присутни. Така, бројот на места ќе биде намален за 30 отсто, паузите меѓу проекциите ќе траат подолго, дезинфекција на просториите ќе се врши неколку пати на ден.

Бифеата во рамки на кината ќе го скусат менито, така што на љубителите на филмот ќе им останат само пуканките и безалкохолните пијалаци. Сите служители ќе треба да имаат лична маска и ракавици.



Автор: Администратор
Објавено на: 19/06/2020 14:09