Основното јавно обвинителство Скопје донесе наредба за спроведување истражна постапка против 24-годишен скопјанец, осомничен за недозволено поседување пиштол.

Осомничениот, на 2 јуни годинава пред зграда на улица „Струмичка“, неовластено држел огнено оружје – пиштол марка „Глок“ со калибар 9 мм.

– На критичниот ден тој се движел со моторцикл без регистарски таблици, а на себе носел панцир. Во еден момент го пресретнале непознати лица, кои кон него испукале повеќе проектили, нанесувајќи му повреда во левата потколеница. Осомничениот возвратил со шест куршуми, по што се скрил во влез од зграда, а пиштолот се обидел да го скрие во сандаче на ЕВН, стои во соопштението од ОЈО.

Надлежниот јавен обвинител до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје достави Предлог за определување мерка куќен притвор за осомниченото лице, поради опасност од бегство, можност да се обиде да ги скорие трагите или да го повтори кривичното дело.​

Лицето е осомничено за кривично дело – Неовластено изработување, држење, посредување и трговија до оружје или распрскувачки материи од член 396 став 1 од Кривичниот законик.



Автор: Администратор
Објавено на: 19/06/2020 14:43