По конфликтот што се случи пред неколку дена помеѓу граничните сили на Индија и Кина во долината Галван, кинеските власти ослободија десет индиски војници, јавуваат медиумите во Индија.
Според Би-Би-Си, до нивното ослободување дојде по преговори, а Индија не ја потврди оваа вест, како и тоа дека некој од членовите на нејзините воени сили се води како исчезнат по инцидентот.
Сепак, се смета дека најмалку дваесет индиски војници настрадале во конфликтот, а најмалку 76 се повредени.
Кина не потврди дека имало жртви на нејзина страна, но, според непотврдените извештаи на индиските медиуми, најмалку четириесет кинески војници го загубиле животот.
Двете страни меѓусебно се обвинија за напад на странска територија.
Спорот меѓу Кина и Индија околу слабо обележаната граница во долината Галван, што доведе до недоразбирање во последно време, трае со децении, а ова е првпат за најмалку четириесет и пет години да има човечки жртви, пренесува Би-Би-Си.