Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ) усвои резолуција во која се критикува Иран за одбивање на пристапот до некои објекти, пренесуваат дипломатски извори. Ова е прва резолуција на МААЕ, во која се критикува Иран од 2012 година.

Текстот беше усвоен на состанокот на Одборот на гувернери на МААЕ во Виена, каде се наоѓа и организацијата.

Одборот на гувернери на МААЕ од понеделник ја разгледува предлог-резолуцијата иницирана од Германија, Франција и Велика Британија.

Во текстот се повикува Иран да ги исполни своите обврски согласно меѓународниот договор за нуклеарната програма.

МААЕ неодамна посочи дека нејзините инспектори четири месеци бараат да посетат две локации поврзани со нуклеарната програма, но дека Иран им го одбил пристапот.

Усвојувањето на резолуција на МААЕ во која се критикува еден од членовите е ретка мерка.

Последната ваква резолуција беше усвоена во 2012 година. Засега усвојувањето на резолуцијата е симболично, но спорот може да се пренесе во Советот за безбедност на ООН, кој може да воведе казнени мерки.



Автор: Администратор
Објавено на: 19/06/2020 15:20