Канадскиот премиер Џастин Трудо изјави дека е „разочаран“ од одлуката на Кина официјално да покрене обвиненија против Мајкл Ковриг и Мајкл Спавор, двајца Канаѓани, кои беа притворени пред повеќе од една година, по обвиненија за шпионажа.
Ковриг е обвинет во Пекинг под сомнение за шпионажа на државни тајни и разузнавачки податоци, а Спавор е обвинет во Дандонг, град близу границата со Северна Кореја, под сомнение дека шпионирал за странски субјект и незаконски откривал државни тајни.
Зборувајќи пред новинарите, Трудо рече дека продолжува да работи со кинеската влада и работи на тоа Канаѓаните да ги врати дома.
На прашањето дали Канада е „премногу мека“ во однос на Кина и дали треба да се преземе поригорозна преговарачка тактика, тој одговори дека Канада користи „соодветни тактики и активности“ за да ги донесе сограѓаните дома.
Во соопштението за медиуми, лидерот на конзервативците, Ендру Шир, го критикуваше Трудо и неговите обиди да ги ослободи двајцата Канаѓани.
– Поминаа 18 месеци откако кинеските власти произволно и нелегално ги уапсија Мајкл Ковриг и Мајкл Спавор. За тоа време Трудо не направи ништо за да се спротивстави на постапките на Народна Република Кина. Овој случај треба да се реши на највисоко ниво, но Џастин Трудо повеќе пати одбиваше. да интервенира, рече Шир.
На прес-конференцијата Трудо не одговори на прашањето дали смета дека Спавор и Ковриг се заложници.
Тој рече дека кинеските власти директно го поврзале случајот на двајцата притворени Канаѓани со судската постапка против Менг Ванжу, извршна менаџерка за финансии во кинескиот технолошки гигант Хуавеи.
Пекинг се закани со одмазда и влошување на односите со Канада, доколку Менг не биде ослободена од куќен притвор во Ванкувер. Во исто време, кинеската влада тврди дека апсењата на Ковриг и Спавор не биле поврзани со случајот „Менг Ванжу“.
Менг, ќерка на основачот на Хуавеи, беше уапсена во Ванкувер на барање на американските власти поради обвиненија за измама, што и таа и компанијата ги негираа.
Во тек се рочишта за екстрадиција во Врховниот суд на Британска Колумбија.
Ковриг е поранешен дипломат кој работел во Меѓународната кризна група, а Спавор е претприемач кој работел во Северна Кореја.
Тие се во кинеските затвори откако се уапсени само девет дена по апсењето на Менг Ванжу.