Европската комисија (ЕК) денеска ги сподели резултатите од последниот извештај за спречување илегален говор на омраза на интернет, јави дописничката на МИА од Брисел.

Мониторингот на говорот на омраза онлајн се врши петта година по ред. Наодите покажуваат дека во 2020, 90 отсто од пријавените содржини биле разгледани во рок од 24 часа од страна на платформите, додека во 2016, оваа бројка изнесувала 40 отсто.

Над 70 отсто од содржините со говор на омраза биле отстранети годинава, во споредба со само 28 отсто пред четири години.

Комисијата забележува дека е зголемен и бројот на одговори од страна на платформите до корисниците кои пријавиле говор на омраза, но дека само Фејсбук ова го прави систематски, и бара од сите други да се подобрат во однос на транспарентноста.

-Кодексот на однесување останува успешна приказна кога станува збор за справување со нелегален говор на омраза онлајн. Тој донесе брзо подобрување, истовремено почитувајќи ги темелните права и создаде вредни партнерства помеѓу граѓанските организации, националните власти и интернет платформите, рече Вера Јурова, потпретседателката на Европската Комисија.

Јурова повика да се воведат исти обврски за сите интернет платформи ширум ЕУ и да се постават јасни правила за да се заштитат корисниците.

-Она што е нелегално офлајн е нелегално и онлајн, потсети Јурова.

Кодексот на однесување на Европската Комисија е воспоставен во мај 2016 во договор со Фејсбук, Мајкрософт, Твитер и Јутјуб за спречување на говор на омраза на интернет.

Тој се заснова на одлуката за борба против расизмот и ксенофобијата според која секое јавно поттикнување насилство или омраза кон некоја група врз основа на расата, бојата, верата, потеклото претставува кривично дело, вклучително и на интернет.



Автор: Администратор
Објавено на: 22/06/2020 16:18