Нов Зеланд ја продолжи забраната за влез на крузери во земјата и ги заостри карантинските мерки за посетителите откако се регистрирани нови случаи на заразени со коронавирус.

Нов Зеланд беше меѓу првите во светот што ги укина сите ограничувања, откако немаше активни случаи.

– Ќе ја продолжиме моменталната забрана за пристигнување крузери, која требаше да заврши на 30 јуни, рече премиерката Џасинда Ардерн на прес-конференција.

Таа додаде дека на товарните бродови и натаму ќе им биде дозволено товарање и истоварање.

Нов Зеланд денеска забележа два нови случаи на Ковид-19 и сега има вкупно девет активни случаи. Сите се ставени во карантин по влегувањето во земјата, а засега нема сознанија за локално ширење на заразата.

Ардерн истакна дека се заострени мерките на границите и дека оние кои се во карантин треба да направат повеќе тестови и мора да бидат негативни пред да излезат од карантинот.

– За да може лицето да се смета за ниско ризично, пред да излезе од изолација или карантин по 14 дена, треба да се тестира и да има негативен резултат, рече Ардерн. Во Нов Зеланд имаше вкупно 1.163 заразени, а починаа 22 лица од Ковид-19.



Автор: Администратор
Објавено на: 22/06/2020 16:57