Специјалниот претставник на ЕУ за дијалог меѓу Србија и Косово, Мирослав Лајчак, вечерва во Белград изјави дека Унијата сака сеопфатен договор меѓу Белград и Приштина што засекогаш ќе ги реши сите отворени прашања.

-Подготвен сум целосно да се вклучам во продолжување на дијалогот предводен од ЕУ без натамошно одложување и да им помогнам на страните да работат за да постигнат сеопфатен договор што ќе ги реши сите нерешени прашања и ќе биде одржлив и прифатлив и за регионот и за сите членки на ЕУ, изјави Лајчак на прес-конференција по состанокот со српскиот претседател Александар Вучиќ.

Лајчак додаде дека сеопфатниот договор вклучува економски и регионални и други прашања за кои разговарал со Вучиќ.

-Тоа е сеопфатен дијалог, ние ќе продолжиме да работиме на спроведување на она што е веќе договорено и ќе се осигураме дека на крајот на процесот ќе имаме договор со сите решени прашања, без никакви прашалници, кажа Лајчак.

Тој додаде дека не е во Белград „било кого да притиска за одреден договор“, туку „да им помогне на страните да постигнат функционален договор“.

Тој изјави дека имал „продуктивен и конструктивен разговор со Вучиќ за тоа како да се продолжи, вклучувајќи и конкретни следни чекори“

Претседателот на Србија, Александар Вучиќ изјави дека Србија, во согласност со одлуката на Генералното собрание на ОН, целосно го поддржува дијалогот меѓу Белград и Приштина под покровителство на ЕУ и дека посветеноста на Србија за европската иднина не може да се одвои од европското покровителство во тие разговори.

Сите дискутирани теми се многу болни, без оглед колку се стремат кон компромисни решенија и никогаш не можат да бидат лесни и едноставни за нашата Србија, изјави Вучиќ по разговорите со Лајчак и наведе да очекува дека дијалогот ќе продолжи многу скоро, можеби уште во јули.

Тој посочи дека Србија влегува во разговорите со добра намера, но дека тоа го очекува и од другата страна, а не само Приштина да испорачува барања и дека сака да разговара и за формирањето на Заедницата на српските општини.

Тој изрази надеж дека ќе се постигне компромис, додавајќи дека се очекува дијалогот да продолжи, дека Србија ги цени напорите на САД, но дека продолжувањето се очекува под покровителство на ЕУ, бидејќи тој дијалог е поврзан со европската перспектива на Србија.



Автор: Администратор
Објавено на: 23/06/2020 00:38