Генералната директорка на УНЕСКО, Одри Азуле, денеска изјави дека е „загрижена поради зголемувањето на насилството врз новинарите“ што известуваат за демонстрации, потсетувајќи дека „слободата на изразување е витален елемент на демократијата“.

„Покривањето во живо на настаните е во срцето на новинарското работење“, се вели во соопштението на УНЕСКО, кое има мандат да ја заштити слободата на изразување.

Таа работа е „неопходна за да се гарантира слободата на печатот и правото на информации“, додава Азуле.

„Во последниве години, меѓутоа, брановите протести ширум светот ги покажаа ризиците од прекумерната употреба на сила од страна на полицијата против новинарите: репортерите се убивани или повредувани од гумени куршуми, оние кои известуваат директно од демонстрациите се приведувани или обвинувани за непочитување на наредбите за разотидување, а нивниот професионален материјал им е одземан или уништен “, наведува УНЕСКО.

Високиот комесар на ООН за човекови права Мишел Бачел го осуди „невиденото насилство“ врз новинарите во САД за време на протестите против расизмот и полициската бруталност.



Автор: Администратор
Објавено на: 23/06/2020 00:47