Основното јавно обвинителство Скопје денеска поднесе предлози за издавање казнени налози против 47 лица за кривично дело непостапување според здравствените прописи за време на епидемија.
-Тројца од обвинетите не постапиле согласно решенијата со која им била определена задолжителна самоизолација во насока на спречување на ширење на заразната болест Ковид-19, а 42 обвинети, спротивно на Одлуката за забрана и посебен режим за движење на територијата на Република Македонија биле затекнати како се движат на различни локации за време на полицискиот час. Еден од обвинетите делото го сторил така што не го почитувал ниту решението за самоизолација, ниту полицискиот час. Меѓу обвинетите е и физичко лице – управител на фирма кој на двајца вработени им издал дозволи со кои и за време на полицискиот час можеле да се движат слободно 24 часа, иако фирмата со која управувал била регистрирана за работа само во прва смена, соопшти ЈОРМ.
Надлежен јавен обвинтел предложи за секој од обвинетите да биде изречена парична казна од по 100 дневни глоби со поединечна вредност на дневна глоба од 20 евра во денарска противвредност. За обвинетиот кој истовремено ја прекршил и самоизолацијата и полицискиот час предложена е парична казна по двете основи.