Раководството на „Луфтханза“ сè уште нема постигнато договор со синдикатите за мерките за намалување на трошоците за вработените, соопшти денеска германската национална авиокомпанија.
Како што пренесуваат германските медиуми, на тој начин се зголемува притисокот врз авиокомпанијата пред вонредниот состанок на акционерите на кој ќе се гласа државниот спасувачки пакет во износ од 9,0 милијарди евра, што е предвидено да се одржи во четврток.
Германската национална авиокомпанија, која е тешко погодена од падот на патувањата поради пандемијата на коронавирусот, соопшти дека ќе ги продолжи преговорите со синдикатите пред состанокот на акционерите за да се постигне договор и да го отвори патот државата да преземе 20 проценти од акциите во компанијата.
Прашањето за државна помош ја искомплицира и позицијата на најголемиот поединечен акционер на Луфтханза, Хајнц Тиле, кој поседува 15,5 проценти од акциите и кој смета дека државата, со влегување на двајца претставници во надзорниот одбор, би добила премногу моќ во компанијата.
Виртуелната средба на Тиле со германскиот министер за економија Питер Алтмаер и министерот за финансии Олаф Шолц вчера заврши без конкретни резултати.
Во компанијата би можело да се доведат во прашање и до 22.000 работни места.
Акциите на „Луфтханза“, кои вчера паднаа за 3,8 проценти, утрово паднаа за дополнителни 1,0 проценти.