Процентот на пушачи во Јордан е највисок во светот, повеќе од 80 проценти од мажите во Јордан пушат или редовно користат никотински производи, вклучувајќи ги и електронските цигари, според податоците на државното истражување од 2019 година во соработка со Светската здравствена организација.
Во просек, Јорданците кои се пушачи, дневно пушат по 23 цигари. Според официјалните податоци на државите за пушачите, Турците се на второ место во свет со просечно 18 цигари дневно, а Украинците се трето место со 17 цигари дневно.
Дури и кога од статистиката во Јордан ќе се елиминираат електронските цигари и останати производи „без чад“, истражувањето покажува дека 66 отсто од мажите пушат цигари и повеќе од 17 проценти од жените.
– Процентот на пушачи во Јордан е ризичен и навестува за идна катастрофа во јавното здравство, изјави Фирас-Ал Хавари, лекар и раководител на Службата за лекување на рак во Аман.
Јордан се разликува од европските земји, САД, Австралија, каде пушењето е драстично намалено во последните три децении со ограничување на моќта на тутунските компании да лобираат и да рекламираат, како и кампањи за да ги предупредат граѓаните за опасностите од пушењето.
Истрагата на „Гардијан“ за индустријата за преработка на тутун во Јордан открила дека лобистите за тутунските компании редовно учествувале во подготовката на државните регулативи.
Јордан се најде на второто место во светот во однос на тутунските компании кои се мешаат во политиката, а раководителите во тутунската индустрија дури влијаат на тоа како владините службеници спроведуваат регулативи, донесени под влијание на лобистите, нудејќи пари за разни работни места според политиката на „корпоративна социјална одговорност“.
На списокот од анализата се вклучени и трите најголеми светски компании за тутун, Бритиш Американ Тобако, Џепен Тобако Интернешнал и Филип Морис.
Студијата финансирана од владата на Велика Британија открила дека, покрај загубата на продуктивноста на населението, пушењето тутун ја чини здравствената заштита на Јордан 1,85 милијарди фунти годишно, највисоко во светот и далеку над 1,03 милијарди фунти што тутунската индустрија ја плаќа за даноци, такси и плати на тамошните работници.