Северна и Јужна Кореја денеска одделно ја одбележаа 70-годишнината од почетокот на Корејската војна, еден ден откако Пјонгјанг ненадејно ја прекина кампањата за притисок врз Сеул. Јужна Кореја денеска објави заедничко соопштение со САД, кои војуваа на нејзина страна во Корејската војна (1950-1953), чиј почеток беше ненадејната инвазија на севернокорејските сили.

Вашингтон и Сеул наведуваат дека се „посветени на јакнење и прилагодување на сојузот поради соочување со сегашните и идните предизвици“, повикувајќи ја Северна Кореја да го исполни ветувањето за разоружување.

САД и понатаму имаат околу 28.000 војници во Јужна Кореја, што северниот сосед го смета како воена закана.

Воените лидери на Јужна Кореја оддадоа почит на националните гробишта во Сеул, каде се погребани десетици илјади жртви на војната, главно војници. Воениот музеј во Сеул, место кое многумина го посетуваат на денешниот ден, е затворен поради пандемијата на коронавирусот.

На вечерашната церемонија на воениот аеродром во близина на Сеул ќе учествуваат 300 воени ветерани.

Северна Кореја ќе го одбележи јубилејот со посета на спомениците на загинатите војници и со антиамериканска реторика.

За Северна Кореја е поважен датумот 27 јули кога е потпишано примирјето во 1953 година, кое Пјонгјанг го смета за победа во војната.

Двете Кореи и понатаму се технички во војна, бидејќи примирјето со кое прекинаа судирите, се уште не е замането со мировен договор.



Автор: Администратор
Објавено на: 26/06/2020 00:09