САД и Европската унија мораат заеднички да ја разберат Кина за да можат да и се спротивстават, изјави денеска американскиот државен секретар Мајк Помпео, нарекувајќи ја Кина закана, па дури и обвинувајќи ја за кражба на европската интелектуална сопственост за развојот на нејзината економија.

Помпео изјави дека го прифатил предлогот на шефот на европската дипломатија Јосеп Борел, кој месецов предложи создавање официјален американско-европски дијалог за Кина.

Помпео наскоро ќе отпатува за Европа, каде ќе се организира првата сесија од тој дијалог.

-На виделина е трансатлантското будење кон вистината за тоа што се случува, кажа Помпео во видео обраќањето.

„Не станува збор за САД, кои и се спротивставуваат на Кина, туку за светот што се спротивставува на Кина“, додаде тој.

Брисел, како и Вашингтон, е загрижен за предаторските трговски пракси на Кина, но ЕУ се обидува да оди по средниот пат меѓу Кина и САД.

Претставниците на ЕУ, најголемиот трговски блок во светот, во понделеникот разговараа со кинеските лидери и на Пекинг гледаат како на партнер во борбата против климатските промени, но и на економски ривал.

Помпео рече дека ЕУ треба да дејствува против Кина, која ја обвини за кражба на европска интелектуална сопственост и кршење на трговските правила, за да се заштитат европските економии, а не да се задоволат САД.

-Тие имаат пристап до нашите пазари на капитал, каков што ние немаме кај нив, рече Помпео.



Автор: Администратор
Објавено на: 26/06/2020 00:12