Европските океани, мориња и морскиот живот се под притисок на човековите активности, вклучително и ефектите од загадувањето, прекумерниот риболов и влијанието на климатските промени, предупреди европското тело за животна средина.

– Поради ефектите од тие промени, на повидок е непоправлива штета на морските екосистеми, соопшти Европската агенција за животна средина (ЕЕА).

Морињата и океаните играат клучна улога во транспортот, енергијата и прехранбената индустрија, како и во рекреацијата и придонесуваат за регулирање на климата.

Загубата на биодиверзитетот во европските мориња продолжува, соопшти агенцијата со седиште во Копенхаген, истакнувајќи дека анализите на „голем број морски видови и живеалишта покажуваат неповолен статус на зачувување“.

Тоа вклучува разни видови на морски птици, морски цицачи, како што се фоки и китови, како и состојбата на рибниот фонд , како што е бакаларот.

Според извештајот, климатските промени „ги засилуваат другите негативни влијанија врз морските екосистеми“.

Конкуренцијата во Европската унија во риболов, фосилни горива, минерали и обновлива енергија се очекува да расте, што ќе додаде притисок врз веќе исцрпените екосистеми.

– Сè уште имаме можност да ги обновиме нашите морски екосистеми ако дејствуваме решително и кохерентно и ако постигнеме одржлива рамнотежа помеѓу начинот на кој ги користиме морињата и нашето влијание врз морската околина, вели Ханс Брајник, директор на ЕЕА.

Агенцијата го издвои зелениот план на Европската комисија и нејзината нова стратегија за биодиверзитет како знаци кои даваат надеж.

Хина, Загреб



Автор: Администратор
Објавено на: 27/06/2020 09:31