Велика Британија планира рекордна продажба на државни должнички хартии во вредност од 275 милијарди фунти за периодот април-август за да го финансира својот одговор на пандемијата на коронавирус, што е повеќе од двојно поголемо задолжување од цела претходна фискална година.

Ажурираната бројка на Канцеларијата за управување со јавниот долг (ДМО), објавена денеска, е зголемена за 50 милијарди фунти во однос на претходната проценка за периодот од април до јули.

Британската влада ја зголеми емисијата на обврзници заради финансирање на наглиот скок на кредитирање, предизвикан од падот на економската активност за време на вонредните мерки наметнати поради коронавирусот.

Во соопштението на ДМО се вели дека сегашното темпо на продажба на долгови ќе трае до крајот на август, со тоа што од април до сега се собрани над 181 милијарди фунти од продажба на обврзници.

.Планирано е во првите пет месеци од финансиската година 2020/21 година да се соберат најмалку 275 милијарди фунти, што е над двојно повеќе од 136,8 милијарди фунти во фискалната 2019/20 година.

Вонредното зголемување на јавната потрошувачка и намалување на даноците, заедно со падот на даночните приходи, ќе создаде буџетска дупка од речиси 300 милијарди фунти во тековната финансиска година, соопшти ДМО, со што дефицитот ќе достигне ниво од времето на Втората светска војна.

ДМО прецизира дека планира 33 аукции на обврзници во јули и август и дека тие ќе бидат со сличен обем како во последните месеци.



Автор: Администратор
Објавено на: 29/06/2020 13:59