Судијата Питер Кејхил од Окружниот суд во Хенеп, во Минеаполис, вчера предупреди дека може постапката против четворица полицајци обвинети за смртта на Џорџ Флојд да ја префрли на друго место и да издаде наредба за забрана за откривање на било какви детали за јавноста, јавуваат локалните медиуми.

За време на краткото сослушување на секој од четворицата поранешни полицајци во Минеаполис, судијата Кејхил на нивните адвокати и на обвинителите им кажа дека е загрижен дека мешањето на јавноста може да ги загрози шансите за фер судење.

Еден од поранешните полицајци, Дерек Шовин (44), на 25 мај речиси девет минути го држеше коленото врз вратот на Флојд , кога тој и тројца други поранешни полицајци го апсеа, а тој подоцна почина во болницата.

Шовин, кој присуствуваше на рочиштето преку видео врска, се соочува со обвиненија за убиство од втор степен. Тројцата други полицајци, Џ. Александар Квенг, Ту Тао и Томас Лејн, се појавија лично и беа обвинети за помагање и поттикнување во овој случај. Ниту еден од четворицата не се изјасни за виновен.

На следното рочиште, на 11 септември, Кејхил ќе одлучи дали четворицата полицајци ќе бидат судени заедно или одделно.

Датумот за првото судење е одреден за 8 март 2021 година.



Автор: Администратор
Објавено на: 30/06/2020 10:27