Американските сојузни држави Калифорнија и Тексас забележале рекорден пораст на бројот на заразени лица со Ковид-19 во текот на претходниот ден, а до влошување на епидемиолошката ситуација дошло и на Флорида, во Аризона, Канзас и Њу Џерси, кои воведоа нови мерки во борбата против коронавирусот.

Во Калифорнија во текот на претходниот ден бројот на заразените со коронавирус се зголеми за 7.418, достигнувајќи речиси 223.000, што претставува рекорден број на новозаболени од почетокот на пандемијата.

Лос Анџелес, кој е ново жариште на пандемијата, има над 100.000 заразени случаи од Ковид-19, иако се затворени кафулињата и има одредби за задолжително носење заштитни маски во речиси сите јавни простори. Голем број заболени лица во овој град се наоѓаат на болничко лекување, а властите стравуваат дека би можело да дојде до преоптоварување на здравствениот систем.

Во Тексас, исто така, е забележан рекорден дневен пораст на бројот на заразени – 6.545, со што вкупниот број на позитивни случаи на коронавирус во државата достигна речиси 160.000 лица. Во оваа американска држава кафулињата, кои неодамна беа отворени, повторно ќе бидат затворени од петок.

Гувернерот на Аризона наложи затворање на кафулињата, ноќните клубови, фитнес центрите, кино салите и аква парковите најмалку еден месец, а отворањето на јавните училиштата е одложено минимум до 17 август.

Во Њу Џерси од четврток нема да биде дозволено услужување на гости во затворени делови на рестораните, а во Канзас од петок стапува во сила одредбата за задолжително носење заштитна маска во јавен простор.



Автор: Администратор
Објавено на: 30/06/2020 13:12