Основното јавно обвинителство Скопје поднесе предлози за издавање казнени налози против 50 лица кои го сториле кривичното дело „непостапување според здравствените прописи за време на епидемија“ од член 206 став 1 од Кривичниот законик.
Обвинетите, како што информираат од Обвинителството, не го почитувале полицискиот час, односно не се придржувале кон одлуките за забрана и посебен режим на движење на населението на територијата на државата, донесени од Владата на Република Северна Македонија.
Надлежен јавен обвинител предложи за 49-мина од обвинетите да биде изречена парична казна од по 100 дневни глоби со поединечна вредност на дневна глоба од 20 евра во денарска противвредност. За еден обвинет предложена е парична казна во вкупна висина од 2.500 евра, бидејќи лицето се товари дека сторило продолжено кривично дело согласно член 45 од Кривичниот законик, односно полицискиот час го прекршил во повеќе наврати.